Литија по улиците во центарот на Скопје ќе биде одржана денеска во пресрет на утрешниот празник на Раѓањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица – заштитничката на градот Скопје.

Прославувањето на празникот почнува вечер со богослужба во 17 часот, по што ќе продолжи со литија по улиците на Скопје.

Утре, на денот на празникот, ќе биде отслужена утрена богослужба со почеток во 7.30 часот, а потоа и света литургија во 9 часот.

Братството при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ги повикува верниците и сите луѓе со добра волја да учествуваат во торжественото прославување на празникот на Раѓањето на Мајката Божја –  заштитничката на градот Скопје.