Митрополитот повардарски г. Агатангел денеска ќе биде на чело на маршот посветен на традиционалните семејни вредности што како одговор на првата геј парада на гордоста ќе се одржува паралелно во Скопје.

Прес-службата на Повардарската епархија вчера соопшти дека пред почетокот на поворката која ќе тргне од платото на црквата „Пресвета Богородица„ во Скопје владиката Агатангел во присуство на свештеници од сите епархии на МПЦ-ОА во црквата ќе отслужи литургија.

Потоа сите заедно ќе ја формираат поворката во маршот за одбрана на семејните вредности.

– Се известуваат сите благочестиви верни чеда во Господа, дека на Литургијата во храмот на Рождеството Богородично во Скопје, ќе чиноначалствува Неговото високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на многубројно свештенство од повеќе епархии на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Ги повикуваме сите наши духовни чеда, браќа и сестри во Христа, да присуствуваат со цел што посилно да посведочиме, сите заедно со семејствата, што за нас како христијански народ е нормално и прифатливо, се вели во соопштението од Повардарската епархија.

Под мотото „Сведоштво за семејството“, граѓанската платформа „Сојуз за живот“ денеска организира граѓанско-верски собир со цел да се испрати пораки за заштита на вистинските и темелните, животни, брачни, семејни и верски вредности.

„Сојузот за живот“ го сочинуваат повеќе невладини организации, движења и неформални групи кои се залагаат за заштита на вредностите на традицоналното семејство и бракот.

– Во духот на заштита на вредностите на бракот и семејството како граѓани и верници сме тука да го засведочиме највредното за нас. Нашата порака пред се е до луѓето кои ги носат одлуките во државата, сегашната, но и идните власти, како и до целата македонска јавност дека најголем процент од верниците не го прифаќаат процесот што треба да доведе до редефинирање на тоа што е брак, семејство, пол и род, изјави отец Ивица Тодоров.

Ние се спротиставуваме на таа идеологија и поучени од случувањата на запад и страшните последици кои ги гледаме таму, се залагаме тоа да не пушти корени во нашата држава и општество, дополни отец  Тодоров.

Според него, граѓанско-верскиот собир не е противтежа на најавената Парада на гордоста што исто така денеска треба да се одржи во Скопје.

– Ние не сме против никого, но не ја прифаќаме пораката на процесот што некои структури сакаат да го започнат конкретно со Парадата на гордоста, рече отец Тодоров.

Граѓанско-верскиот собир започна со литургија во црквата „Света Богородица“. По нејзиното завршување, според најавите, поворката со поддржувачите на „Сојузот за живот“, ќе се упати на марш низ центарот на Скопје каде меѓу останатото ќе помине покрај републичкото Собрание и Владата. Маршот ќе заврши пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ со читање на заедничка декларација за живот