Првото дерби во ракометната Супер лига одиграно вечерва меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер заврши без победник 28:28, откако битолчани постигнаа гол на неколку секунди пред крајот преку репрезентативното крило Петар Атанасијевиќ. Претходно домаќинот Охрид преку Доминик Мате дојде во водство од 28:27, но не успеа предноста да ја зачува.

Нерешениот резултат е најреалниот исход на овој натпревар. Охрид само еднаш имаше водство од два гола (18:16), додека Еурофарм Пелистер во два наврати водеше со два разлика (6:8 и 13:15). Резултатот вкупно беше 25 пати нерешен.

Доминик Мате со 11 голови беше најефикасен кај Охрид, додека Филип Кузмановски кај Еурофарм Пелистер постигна 10, додека Петар Атанасијевиќ беше стрелец на 8 голови без промашување.

На вториот дуел одигран денеска од првото коло Тиквеш оствари победа од 28:27 на гостувањето кај Струга, иако стружани во првиот дел имаа и пет голови предност (17:12).