Делегација на Владата предводена од министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, во алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Денеска се навршуваат девет години од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, кој, како што наведуваат од владината прес-служба, имаше исклучителна улога во процесот на политичкото осамостојување на земјата и нејзиното меѓународно признавање.

Делегација и на Кабинетот на Стево Пендаровски денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Делегацијата која му оддаде почит на поранешниот претседател беше во состав: Миле Бошњаковски, генерален секретар и полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот.

– Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Република Македонија. За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација, наведуваат од Кабинетот на претседателот.