Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија (МЕНР) соопшти дека вечерва пристигнал првиот авион со албански, македонски и косовски државјани кои барале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба.

– Авионот „Ер Албанија“ со 40 патници, меѓу кои и државјани од земјите од регионот како Косово, Северна Македонија, потпомогнат од Министерството за Европа и надворешни работи, Министерството за инфраструктура и енергетика и албанската амбасада во Израел слета на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ пред малку, се појаснува во соопштението.

Патниците беа дочекани и поздравени од министерот Игли Хасани.

Од Министерството додаваат дека во наредните денови ќе има повеќе специјални летови за Тел Авив, во координација со министерствата на земјите од регионот да им помогнат на сите граѓани кои сакаат да се вратат во своите земји.

Претходно македонското МНР информираше дека вечерва се очекуваат првите македонски државјани да се вратат дома.

-Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани, посочија од МНР.

Во Израел, според сознанијата на МНР има меѓу 100 и 200 македонски државјани. Дел од нив веќе побарале помош за евакуација.