Обединетите нации ја проверуваат ситуацијата откако членови на руската делегација не добија виза за САД, поради што не се во можност да присуствуваат на Генералното собрание на ОН, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дијарик.

– Ги видовме обвинувањата. Ние се обидуваме да добиеме повеќе информации, изјави тој.

Канцеларијата на генералниот секретар потсети дека САД, како земја домаќин на ОН, се должни да издаваат визи на претставниците на државите за да присуствуваат на состаноците во Светската организација.

Претседателот на Комитетот за меѓународни односи на Советот на Руската Федерација, Константин Косачев претходно изјави дека 10 членови на руската делегација, вклучително и самиот тој, не добиле визи за САД и затоа не можат да учествуваат во работата на Генералното собрание на ОН.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека таквата состојба е „неприфатлива“ и најави реакција на Москва во ОН.