Одлуката за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ е клучна пресвртница и за С. Македонија и за регионот во 2020 година, а воедно и потврда за посветеноста на ЕУ кон нејзините геостратешки приоритети.
Ова е главната порака што вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ја испрати на средбите со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас и со алтернативниот министер за надворешни работи задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, на кои Димитров им пренесе дека С. Македонија од Грција очекува силна поддршка во интегративниот процес.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата со Дендиас во фокусот на разговорот беше ваквата поддршка и помош од соседна Грција како суштински дел во новото поглавје на односите меѓу двете соседни земји, но и голем чекор кон заедничката визија за иднината.
Димитров, како што се наведува, информираше за очекувањата во однос на преговарачката рамка да биде усвоена до крајот на оваа година, за време на германското претседавање со Советот на ЕУ.
На средбата со алтернативниот министер Варвициотис беа разгледани регионалната и билатералната соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на активностите кои треба да се преземат во наредниот период за интензивирање и продлабочување на Акцискиот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство и имплементација на Меморандумот за соработка потпишан помеѓу Секретаријатот за европски прашања на Македонија и МНР на Грција. Се овозможува грчката страна да понуди конкретна техничка помош на македонските институции за побрзо усогласување на националното законодавство во конкретни поглавја од европското acquis.
– И двајцата соговорници посочија дека понатамошното спроведување на Преспанскиот договор ќе придонесе за продлабочување на билатералните односи, ќе им овозможи на двете земји да го искористат целиот потенцијал за политичка и економска соработка, но ќе овозможи и подобрување на соработка и координација во рамките на регионалните иницијативи. Беше договорена и посета на министерот Варвициотис на С. Македонија во блиска иднина, се вели во соопштението.
Димитров по средбата изјави дека потполно се согласува со министерот Варвициотис.
– Потполно се согласувам дека и двајцата сме посветени заеднички да работиме за да го олесниме процесот на проширување и да и помогнеме на С. Македонија да го изоди патот и да ги заврши овие пристапни преговори кои започнуваат со меѓувладината конференција, рече Димитров.
Сметам, како што рече, дека делиме заедничка визија за нашиот регион кој е европски, без отворени прашања, со соработка, разбирање и блиско пријателство. Ова е визија која ни дава енергија да одиме напред.
-Се согласуваме дека е многу важно да се продолжи со целосно спроведување на Договорот од Преспа и со оглед на нашите сегашни портфолија, ќе работиме заедно на исто така инструментализирање на Меморандум за разбирање кој е потпишан во минатото. Тоа има врска со забрзување, олеснување, поддршка во процесот на пристапување кон Европа. Но, бидејќи овој процес е критичен за нас, тоа значи дека треба да ја донесеме Европа дома во смисла на европското законодавство, но исто така и во одност на стандардите, спроведувањето, бидејќи ова е долг, но веројатно и единствениот начин како да им овозможиме на нашите млади да имаат европски начин на живот и да останат дома, а не да одат во некоја странска земја членка, изјави Димитров.
– Изгубивме време, изгубивме генерации, но направивме огромен чекор напред и сега е време да го пополниме ова ново поглавје на блискост и пријателство со добри работи за двете земји. И сметам дека ова е веројатно клучната порака за првата посета на нашата нова влада. Мислам дека во однос на физичкото присуство, ние бевме најголемата делегација на конференцијата на „Економист“. Се сретнавме со претседателот, се сретнавме со премиерот, со многу деловни луѓе од Грција и министерства. Има ново поглавје, да ја искористиме можноста, порача Димитров.
Вицепремиерот Димитров овие средби ги оствари во рамките на работната посета на Атина како дел од првата владина посета во странство предводена од премиерот Зоран Заев.