Деновиве правиме се за ние и нашите соседи, нашето пријателство и заедничката европска иднина да излеземе од овие предизвици како победници, силни идни партнери и добри комшии, изјави за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, коментирајќи ги  последните случувања на релација Скопје-Софија, но и последната изјава на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

-Господинот Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството. Сакам уште еднаш да потенцирам дека има некои работи за кои можеме да разговараме, и некои работи за кои нема дискусија, нагласи Димитров.

Тој вели дека ниту со Бугарија, ниту со која било друга земја или организација, не можеме да преговараме за тоа кои сме, каков јазик зборуваме, и кој ни е идентитетот.

-Со други зборови, нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а взаемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, „сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес”, порача Димитров.