Министерот за надворешни работи Никола Димитров од Самитот за Западен Балкан во Полска денеска порача дека животната средина треба да стане покрупна тема во јавноста и ги повика активистите да продолжат да вршат притисок и да бидат гласни.
Министерот пораките ги упати за време на панел дискусија посветена на подобрувањето на животната средина во регионот, споменувајќи неколку од предизвиците со кои се соочува Владата во овој дел, но и победите на активистите, како онаа на Здрава Котлина.
– Сакам да ви дадам еден пример на македонски активисти во источна Македонија, чиј притисок врз јавноста ја наведе Владата да ја отповика концесијата за рудникот, компанијата сега ја тужи државата и бара милиони евра отштета, нагласи Димитров и порача дека треба да се размислува за алтернативни решенија за економски развој во тие региони како што е органското производство за привлекување туристи.
На Балканот најголем е фокусот врз загадувањето на воздухот, посебно во зима, а градовите од регионот како Скопје, Сараево или Приштина се константно рангирани меѓу најзагадените градови во светот.
– Мора да има мост помеѓу активистите и одлучувачите, ова мора да стане поголема тема, нагласи шефот на македонската дипломатија, кој, според модераторката на панелот, бил единствениот министер од регионот кој прифатил да учествува на дискусијата за животна средина.
Македонската влада, рече тој, целосна ја поддржува иницијатива на Европската комисија “Зелена агенда“, чија цел е да и се даде поголема важност на оваа тема во регионот.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, сподели и неколку загрижувачки бројки за состојбата со животната средина и загадувањето на Западниот Балкан, како фактот што најмалку три илјади прерани смртни случаи во регионот се должат на аерозагадувањето, додека пак има осум илјади нови случаи на бронхитис кај децата од истата причина, што треба да го вклучи алармот од хуманитарен аспект.
– Ова е неприфатливо и неодржливо, не зборувам ни за цената што ги чини општествата, ние мораме да се справиме со ова, ќе треба време но има алтернативи, посочи Хан.
Хан истакна и дека во регионот 16 термоелектрани на јаглен загадуваат повеќе од 215 такви термоелектрани во западна Европа поради застарената технологија, а осум од десетте термоелектрани кои најмногу загадуваат во Европа се наоѓаат во западнобалканскиот регион.
Тој нагласи дека за Европската комисија е јасна дилемата со која се соочуваат политичарите поради тоа што овие фабрики претставуваат и работни места за граѓаните, но се надева дека Зелената агенда ќе помогне да и се даде поголема важност на темата и да се изнајдат решенија.
И Хан и Димитров се согласија дека политичарите не смеат да бегаат од оваа тема.
– Мојата порака до активистите е продолжете и бидете уште погласни, политичарите мораат да разберат дека губат углед ако ја игнорираат темата за животната средина, изјави Димитров.