Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во трибина објавена во париски „Ле Монд“ објаснува зошто нашата земја се согласи да го промени своето име.
Сега, тој ја повикува ЕУ да преговара за пристапувањето на оваа „мала мирна држава на Балканот“, јави МИА.
– Решивме да не бидеме робови на историјата. Во согласност со Грција, мојата држава се согласи да додаде географско појаснување на своето име и да се нарекува „РС Македонија“, пишува Димитров.
Да бидеме совршено јасни, додава, ние никогаш не сме помислиле дека Република Македонија, мала, мирна балканска држава, која мирно и достојно излезе од пеколот на војната во поранешна Југославија, може да претставува закана за некој или дека нејзинито име подразбира територијални или други барања против нашите грчки пријатели.
– Меѓутоа, реалноста ни покажува дека Грција поинаку го толкува нашето име. Поминавме четврт-вековни дебати, обидувајќи се да ја убедиме другата страна, да се расправаме за терминот „Македонија”. Во меѓувреме, возовите минуваат. Од добар ученик на Балканот, Македонија остана на маргините на интегративните процеси, објаснува шефот на македонската дипломатија.
Според него, единствениот излез од овој маѓепсан круг, вели, е дефинитивно и неповратно да се свртиме кон иднината.
– Единствената битка што треба да се води е за сегашните и идните генерации. Нивното право да живеат во својата земја, со еднакви можности со оние на другите Европејци, без да мора да одат да бараат среќа на друго место. Ова е единствената мисла што ја имавме на ум кога решивме да влеземе во преговори со Грција за да го решиме нашиот спор, категоричен е Димитров.
Тој признава дека не било лесно, ниту за нас, ниту за нашите грчки пријатели. Опасноста на која се изложиле политички лидери, според Димитров, не е ништо, како што вели, во споредба со бездната на очајот во кој се наоѓа целата нација.
На прашањето дали имавме друг избор, тој одговара дека секогаш постои друг избор.
– Можеме да пропуштиме еден или повеќе изборни циклуси и да го пропуштиме возот, па дури и последниот воз, за Европа и продолжиме да се жалиме и да ги обвинуваме нашите соседи за нашата лоша судбина, да ја обвиниме Европа за недостатокот на принципи, да обвинуваме за незаинтересираноста на светот. Ние би можеле без ризик да останеме на врвот на дрвото и да се храниме горки плодови од страв и недоверба, би можеле да бидеме задоволни со традиционалниот квази-патриотизам, вели Димитров.
Понатаму тој истакнува дека ние сме решени да бидеме патриоти на современ, европски и визионерски начин.
– Да ја задржиме нашата душа, толку тесно поврзана со нашето право да се дефинираме себеси како Македонци, право потврдено со овој договор. Нашата душа е дефинирана и од нашиот јазик, македонскиот, јужнословенски јазик. Да не ги жртвуваме овие работи на олтарот на историјата, вели Димитров.
Според Димитров, договорот со Грција иако бара многу, сепак со него можеме да живееме со достоинство.
– Со овој договор, ги чуваме и ги потврдуваме вредностите кои се свети за секоја нација: нашиот идентитет и се што е поврзано со тоа. Во исто време, правиме разлика меѓу нашата перцепција и грчката перцепција за Македонија, во надеж дека и двете ќе продолжат да живеат во препознавање, разбирање и хармонија, појаснува тој.
Последно, но не и најмалку важно, според Димитров, е тоа што со него го отвораме патот за целосна интеграција на земјата во Европската унија (ЕУ) и во НАТО.
– Еве конечно, добри вести кои доаѓаат од Балканот. Во време кога бранот на популизам и евроскептицизам станува сè пошироко распространет низ целиот свет, оваа надеж не смее да се изгуби во поплавите на лошите вести што го погодуваат целиот свет, предупредува Димитров.
Тој притоа својата трибина во париски „Монд“ ја завршува со заклучокот дека ЕУ е таа која сега е на потег да ја покаже истата храброст.
– Сега чекаме Европа да признае дека некој на Балканот покажува лидерство и храброст, со нетрпение и желба да учествува со другите земји-членки во градењето на Европа. Сега е на Европа да ја покажеме истата храброст. Таа мора да ни подаде рака и да и даде шанса на мојата земја со носење на одлука за отворање на преговорите. Ништо повеќе, ништо помалку. Ние тоа го заслуживме, истакнува министерот Никола Димитров.