На 15 октомври ќе имаме средба со историјата, се надевам дека тогаш ќе го почнеме процесот на преговори со Европската унија, најави денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
– Четиринаесет години сме држава кандидат за членство, изгубивме цела генерација, беше потребно лидерство и државништво и да се сфати дека со сопствен труд и борба можете да ја истуркате својата работа. Откако го решивме нерешливото, но и од очигледните промени чиј тренд е очигледен, почетокот на преговори ќе биде поттик и за ЕУ да ја одржи европската приказна на земјава, изјави Димитров во обраќањето на Самитот на Западен Балкан што се одржува во Скопје, во организација на Економист.
Според него, позитивната одлука ќе биде вин-вин ситуација како за нас, така и за нашите соседи, но и за целата Унија, а доколку не се случи тоа, ЕУ ризикува да ја изгуби кредибилноста во тој процес, како и своето влијание.