Македонското друштво „Илинден”-Тирана ги повика Македонците од областа Гора и Косово да излезат масовно на предвремените парламентарни избори во Косово, што ќе се одржат на 6 октомври и да гласаат за кандидатската листа на Единствена горанска партија (ЕГП).

-Искажуваме целосна подршка на партијата „Единствена горанска партија“ и ги повикуваме Македонците од Гора и цело Косово, масовно да излезат на избори и да го дадат својот глас за оваа партија, за да имаат свои пратеници во новиот состав на косовскиот парламент. Имате можност и среќа да гласате за партијата која се залага за вашите права и се бори да се зачуваат македонските корени, јазик и индентитет, стои во апелот.

Се додава дека на предвремените парламентарни избори во Косово „Единствена горанска партија“ настапува самостојно со своја кандидатска листа, на која се наоѓаат 13 кандидати од разни делови на областa Гора,меѓу кои и три жени.

-На листата се вредни луѓе, кои се залагаат за подобрување на положбата на македонска горанска заедница, зачувување и активно промовирање на културни вредности, обичаи и традиции, како и формирање општина Гора во согласност со Уставот и законите на Косово. Партијата настапува под мотото „Гора мора да победи“,наведува друштвото „Илинден“.

Друштвото во име на Македонците од Албанија изразува поддршка на лидерот на „Единствена горанска партија“, Адем Хоџа, пратеник во последниот состав на Собранието на Косово, за се што прави за областа Гора и за Македонците на Косово.

Во областа Гора распослани се девет села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед, познати под името Горани, а нив ги има и во други делови на Косово.