Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, утрово во Брисел се сретна со германскииот министер за Европа, Мајкл Рот, чија земја претседава со ЕУ до крајот на годината.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Димитров го информира Рот за приоритетите на македонската Влада во областа на евроинтеграциите и потенцирал дека „пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома“.
– С. Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, нагласи Димитров.
Германскиот министер за Европа престојува во Брисел каде учествува на министерскиот состанок за општи работи на ЕУ. Иако Македонија не е денеска формално на дневен ред, министрите се тие кои одлучуваат за усвојувањето на преговарачката рамка. Рот потврдил дека Македонија останува приоритет за германското претстедателство.
– Првата меѓувладина конференција со С. Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ, истакнал Рот.
Вицепремиерот Димитров во Брисел денеска ќе се сретне и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, како и со потпретседателот на Европската Комисија задолжен за миграциски политики, Маргаритис Схинас, а планирана е негова посета на Берлин следната недела, информираат од неговиот кабинет.