Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски денеска од собраниската говорница одговори дека Бугарите ќе влезат во Уставот кога ќе дибиеме гаранција дека идентитетските и билатералните прашања нема да бидат користени за кочење и вето на нашиот евроинтеграциски пат и ќе се обезбеди реципроцитет во однос на правата на Македонците во Бугарија. Димитровски ова го кажа одговарајќи на прашање на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ, која праша што прави Владата за европскиот пат на државата и дали Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.

– Едноставно да ви одговорам на прашањето: да, Бугарите ќе станат дел од Уставот на Република Македонија во оној момент кога од другата страна ќе видиме подадена рака по неколку основи. Прво, за правата на нашите Македонци во Бугарија. Тие не може да ги регистрираат своите организации ниту на ниво на невладини организации, а познато ви е колку пресуди има за тоа во Стразбур. Вие тогаш одлучивте да се откажете од барањата за нивните права и во исто време да прифатите Бугарите, кои се заедница според пописот, да станат дел од Уставот, од 3.500 граѓани, меѓу нив има помалку од 900 граѓани чиј мајчин јазик е бугарски. Вие тоа го прифативте иако нема елементарен реципроцитет од другата страна, не само што нема елементарен реципроцитет туку има одбивање да се третираат какви било права на етничка заедница – Македонци и нивното постоење во Бугарија. Истовремено, прифативте дел од идентитетските прашања да бидат дел од преговарачката рамка – рече Димитровски.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија потенцира дека целиот овој изминат период Владата го искористила „на многу адреси во Европа, на нашите европски пријатели да им објасниме и кај нив тоа стана конечно разбирливо дека мораме да добиеме опредени гаранции дека нашиот пат кон Европската Унија, дека нашето преговарање нема да биде кочено од Софија за идентитетски прашања“.

– И за многу од нив тоа е разумно. Претседателот на Европскиот совет тоа го изјави во Софија. Гледаме потези од европратеникот, во кои бара од ЕУ разјаснување на правната рамка дали овие прашања навистина може да бидат искористени како вето од Софија. Значи, сите во Европа почнаа да го разбираат тоа дека Македонија мора да има предвидлив пат кон Унијата и да не биде спречувана од идентитестки и билатерални вета, само вие не го разбирате. И мене ми е чудно како господинот Антонио Кошта може да го разбере, а вие не можете да го разберете. Очигледно тој е поголем македонски патриот од Венко Филипче. Значи, само СДСМ не може да го разбере тоа, како и нивниот коалициски партнер ДУИ. Албанците во Владата, „Влен“, го разбираат тоа и сите јасно велат дека е разумно Македонија да добие гаранции за својот европски пат во контекст на можноста Бугарија да стави вето по идентитетски и билатерални прашања – рече Димитровски.

За да се реши ова прашање, според него, потребен е дијалог со новата влада во Бугарија, но исто така нагласи дека е потребен национален консензус со опозициските партии.

– И сега, на крајот, како да дојдеме во состојба да го исполниме она што вие сте го ветиле, а не сте можеле да го испорачате, и на крајот 80 отсто од граѓаните Македонци и 70 отсто од сите граѓани велат дека не е прифатливо за нас затоа што вклучува отстапки во однос на идентитетските прашања. Како да дојдеме до тоа? Преку дијалог. Конечно, во Софија ќе имаме стабилна влада со последните избори, се надеваме дека со нашите европски партнери ќе влеземе во тој дијалог и дека не може, се разбира, да се ветат никакви рокови, но се надеваме дека ова што го разбираат во ЕУ  ќе почнат да го разбираат и нашите соседи, но најважно е, пред сè, да го разберете вие. Ако ние немаме консензус во Собранието, сите дипломати ни го велат тоа, вашата најслаба алка е тоа што опозицијата би ги спровела договорите со Бугарија и протоколите доколку би имала двотретинско мнозинство без да трепне. Од тие причини време е да направиме национален консензус по овие прашања. Националниот консензус го имаме со граѓаните, но да направиме консензус на политичките партии – рече Димитровски.

Од собраниската говорница тој посочи дека не може да разбере, како што вели, од каде таква храброст Тренчевска да поставува прашање за внесување на Бугарите во Уставот за нешто што СДСМ во 2022 година со т.н. консензус за преговарачката рамка го направи тоа без да има двотретинско мнозинство и каква било консултација со политичките партии, кои тогаш беа дел од власта, пратениците, политичките партии од опозицијата и, на крајот, и граѓаните.

– Вам ви беше и тогаш познато дека немате мнозинство и вие ги исполнивте очекувањата на Софија во тој момент и се согласивте со нешто со кое знаевте дека ќе го закочите процесот на европска интеграција на Македонија, но и покрај тоа, исполнивте нечии желби на нашите соседи од Софија. И сега коаг тој процес беше закочен и оваа Влада две години прави интензивни напори да го откочи тој процес, но на достоинствен начин, да се изземе делот на оние шверцерски минати протоколи, кои не добија никаква поддршка ниту во ова Собрание, туку потписи на тогашниот министер за надворешни работи и на тогашната министерка од Бугарија, каде што внесовте историски, идентитетски прашања во преговарачката рамка, каде што се согласивте резултатите од историската комисија да бидат „бенчмарк“ за нашето евроинтегрирање, каде што се согласивте дали историскиот наратив наметнат од Софија за идентитетот на нашите револуционерни дејци Гоце Делчев итн. да бидат „бенчмарк“ за нашето евроинтегрирање и вие сега денеска поставувате прашање кога и дали ќе ги внесеме Бугарите во Уставот – рече Димитровски.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија потенцира дека нашата земја има одлично, ексклузивно најдобро досие во Европа во третманот на етничките заедници.

– И тоа го знаете. Познато ви е дека сите етнички заедници ги уживаат највисоките права. Ние, во меѓувреме, поради обврската што вашата влада тогаш ја презеде во контекст на преговарачката рамка и нашиот интегративен пат, подготвивме и акциски план за заштита на етничките заедници, меѓу кои и за Бугарите. Го направивме со европски експерти, и тоа со помош на експерти од Советот на Европа, кои ни беа сугерирани од ЕК. Направивме четиво и највисоки мерки за заштита на правата на етничките заедници под 20 отсто, кои ги нема, кои се без преседан во Европа. Се разбира, нашиот источен сосед и тој план не го прифаќа, го одбива и има забелешки, а вие се ставате во ситуација да ги поддржувате нивните барања, односно барањата на најрадикалните кругови во Бугарија – истакна Димитровски.

ФОТО: Принтскрин