Минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати.
Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на средбата во Владата со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, предводени од претседателот на ССМ, Дарко Димовски, а на која присуствуваа и министерката за труд и социјални прашања, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ.
Битиќи, нагласи дека Владата ќе остане конструктивен социјален партнер, кој ќе охрабрува дебата и дискусија за сите важни прашања во општеството, како што е несомнено висината на минималната плата и притоа најави дека веќе во среда, на 2-ри февруари од 15:00 часот, е закажана седница на економско-социјалниот совет на која ќе продолжи дискусијата помеѓу сите три засегнати социјални страни на која главна точка на дневниот ред ќе биде токму висината на минималната плата.
На средбата претставниците на ССМ уште еднаш ги поздравија одлуките на Владата за „недела неработен ден“ и за замрзнување на цените на основните производи до крајот на февруари 2022 година.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за медиумите порача дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици…
– Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, рече Димовски по денешната средба во Владата.