Илија ДИМОВСКИ

Одложувањето на гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот е спротивно на Деловникот на Собранието!

Собранието мораше да се изјасни за оваа точка во петокот на 18.08.2023 година веднаш кога заврши дискусијата и имаше обезбедено кворум за работа во пленарната сала.

Тоа што го направи Претседателот на Собранието, г-дин Талат Џафери со одложување на гласањето е исто како полицаец да не бара сообраќајна дозвола за управување со камион, затоа што за точак не се бара, а нели двете се возила.

Постапката за изменување на Закон и други акти се едно прашање, а постапката за измена на Уставот е сосема друго прашање кои различно и одделно се обработени во Деловникот на Собранието.

Во овој случај Претседателот на Собранието примени одредби кои не се однесуваат на постапката за измена на Уставот, ниту пак ги примени (дури и ги прекрши) општите одредби од Деловникот кои се однесуваат на одлучување и гласање.

Претседателот на Собранието за одложување на гласањето на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го примени членот 165, став 1.

Но тој член воопшто не се наоѓа во главата X која ја регулира постапката за измена на Уставот.
Овој член се наоѓа во глава IX која регулира постапка за донесување на закони и други акти кои подолу во самата глава се поименично одредени.

Главата IX не може да се применува за постапката за измена на Уставот, бидејќи во Деловникот за работа на Собранието постои посебна глава за постапката за измена на Уставот.

При одлучувањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот,

Претседател на Собранието мораше да ги примени одредбите од член 95 и член 96 од глава V на Деловникот, која глава од Деловникот на база на општи одредби го регулира текот на седницата на Собранието без разлика за какви точки на дневен ред се расправа.

Овие 2 члена не му даваат никакво право на Претседателот на Собранието да одложи гласање по точка од дневниот ред за која постои посебни нормативи во посебна глава од Деловникот, а не е е дел од глава IX.

Според Деловникот за работа на Собранието, Претседателот на Собранието МОЖЕ ДА ОДЛОЖИ гласање според член 165, став 1 за следниве гласања:

– Донесуваање или измена на закон;
– Амандмани на закон;
– Автентични толкување на закон;
– Пречистен текст на закон;
– Буџет и ребаланс на Буџет;
– Завршна сметка на буџет;
– Деловник на Собранието;
– Декларации;
– Резолуции;
– Одлуки,
– Препораки;
– Анализи, извештаи, информации и други материјали;
– Потврдување и давање на согласност на статути и други општи акти;
– Ратификација на меѓународни договори; и
– Граѓанска иницијатива на државно ниво.

Според Деловникот за работа на Собранието Претседателот на Собранието НЕ МОЖЕ да го примени член 165, став 1, туку МОРА да ги примени член 95 и член 96, и НЕ СМЕЕ ДА ОДЛОЖИ гласање за следните постапки:

– Измени на Устав;
– Одговорност на Претседател на државата;
– Одговорност на Влада;
– Избор на Потпретседател на Собранието;
– Избор на Генерален секретар на Собранието;
– Одлуки за имунитет на пратеник;
– Одлуки за мандат и одземање на мандат на пратеник; и
– Интерпелација.

Почитуван господине Талат Џафери, би сакал да ви укажам да размислите за неколку работи доколу цените дека е потребно да го искористите моето укажување до Вас.

Знам што ќе ви биде аргументот на одбрана по ова мое пишување за прекршувањето на Деловникот кое го направивте со одложувањето на гласањето за уставните измени.

Но немојте, повторно нема да бидете во право.

Ќе речете дека и друг пат, кога Претседател на Собранието беше вашиот претходник се постапувало на ист начин.

Но тоа нема да е точна одбрана, бидејќи примерот кој ќе го користите не се однесува ниту на првата фаза во постапката за измена на Уставот на Република Македонија, која во тој случај пред 7/8 години веќе беше изгласана и беа обезбедени 80 пратеници кои гласаа и дадоа поддршка за да се пристапи кон уставните измени. Вие не сте ни приближно таму, каде што беше Собранието тогаш. Немате обезбедена ниту политичка позиција за оваа постапка, а за деловничка воопшто не.

Второ, дури и кога го применувате член 165, став 1 од Деловникот Ве молам применувајте го целосно, бидејќи вие во тој член имате императивна норма која ве обврзува во моментот на заклучување на расправата да го одредите денот и часот кога Собранието ќе се изјасни. Знам дека ве нервираат ограничувањата на вашите права, ама вие сте еднаков со сите други 119 пратеници и немате моќ да излегувате од Деловникот.

И трето мислам и учтиво ви укажувам дека треба да направите чекор назад и да одлучувате заедно со сите други 119 пратеници, барем сега на самиот крај на мандатот.

Вашата одговорност е да обезбедите Собранието да функционира според Деловникот и Уставот, а не според Вашата лична желба и проценка или желбата на Владата.

Имате повеќе години, повеќе искуство и би рекол повеќе такт и мудрост од неколкуте министри кои ја буткаат оваа измена на Уставот.

Не морате да постапувате како нив.

Од Вас очекувам да знаете дека ваква одлука спротивно на волјата на македонскиот народ, сега дури и по втор пат, ниту смеете ниту е добро да ја донесете.

Искористете го моето укажување за прекршувањето на Деловникот кое го направивте со недозволена примена на член 165, став 1, закажете продолжение на седницата, ставете го на гласање овој незрел предлог на Владата и не дозволувајте државата и политичката состојба да влезат во сериозна криза.