Почитувани,
Правото на глас е најсвето демократско право. Секој граѓанин мора да биде слободен да ја изрази сопствената волја на избори или референдум. Дали ќе гласа или не, и доколку гласа е само негово лично право. Секоја уцена, закана или ветен поткуп односно награда во замена за глас е тежок криминал со кој што се манипулира волјата на гласачите.

Поминаа неколку дена откако Премиерот Зоран Заев, отворено на митинг повика бизнисмените со пари да ги мотивирале вработените да гласаат на референдумот, посочувајќи една компанија чиј сопственик веќе му ветил дека ќе го стори тоа.

Во правна држава, за да се тргнат сите сомнежи околу регуларноста на гласањето, премиерот Зоран Заев досега ќе беше повикан на разговор и против него ќе имаше истрага. Досега ќе беше повикан и сопственикот на компанијата, а ќе се собираа искази и од вработените за кои постојат искази, изјави дека се соочуваат со невидени притисоци.

За жал, Јавното обвинителство на Република Македонија – не реагира по допрен глас!

Референдумот за промена на Уставното име на Република Македонија, во Република Северна Македонија, треба да се одржи на 30-ти септември, односно за нецели 15 дена. Поради тоа, брзата и навремената реакција на обвинителството е круцијална, за да се спречи да се случува продолжено кривично дело од страна на Зоран Заев, односно да се спречи истиот во намерата да нуди и поттикнува поткуп на граѓаните, за излегување на гласање на референдумот.

Толкувањата на кривичниот закон се јасни. Дури и самото нудење, ветување, или барање поткуп преставува довршено кривично дело, иако не дошло до примање на подарокот или остварувањето на друга лична корист.

Бидејќи Републичкиот Јавен обвинител Љубомир Јовески, до вчера не најде за потребно да постапи по допрен глас и да отвори соодветна постапка, ВМРО-ДПМНЕ поднесува Кривична пријава против Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Македонија.

Бараме Републичкиот Јавен обвинител, да излезе од сенката на пупката која Зоран Заев ја „расцвета“ во правосудниот систем, и да постапи согласно член 39 од Законот за кривична постапка при што ќе отвори истрага за наводите во кривичната пријава која ја поднесуваме.

Во кривичната пријава, го известуваме Јовески дека на ден на 13-ти септември, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, јавно, на трибина во Крива Паланка, им ветувал поткуп за гласање на граѓаните во општина Крива Паланка, за да излезат да гласаат на референдумот, кој ќе се одржи на 30-ти септември оваа година.

ВМРО-ДПМНЕ го известува Јавниот обвинител дека преку допрен глас од јавно објавена видео снимка, Премиерот Зоран Заев јавно кажува дека сопственикот на странската компанија „Минстрој“, побарал од работниците да гласаат на референдумот и затоа им ветил дека ќе им даде парична награда доколку го сторат истото.

Таквото незаконско постапување и дејствија на претседателот на Владата Зоран Заев, за што постои и видеозапис, содржат низа елементи на повеќе кривични дела и тоа: Повреда на слободата на определување на гласачите (чл.160 од КЗ) и поткуп при избори и гласање (чл.162 од КЗ).

ВМРО-ДПМНЕ очекува Јавниот обвинител Љубомир Јовески, согласно правата и обврските, ВЕДНАШ, да поведе постапка за проверка на наводите и да ги преземе сите понатамошни мерки за спречување на ова кривично дело од страна на Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ во Кривичната пријава бара од Јавниот обвинител во рок од осум дена, како подносители на пријавата да бидеме известени за превземените постапувања и исходот од нив.

Само со соодветна реакција од институциите, криминалците може да бидат спречени во беззаконието. Само со соодветна реакција и може да се докаже дека премиерот Зоран Заев не е над законот.

Законите кои ја третираат овие материја, криминал, корупција, референдум и избори, се јасни и прецизни. Овие закони, велат дека се работи за тежок изборен криминал, кој се санкционира со предвидена долгогодишна затворска казна.

Јавното обвинителство за ова не смее да молчи и да биде соучесник, а Зоран Заев мора да одговара за овој криминал.

Тоа го бараат и европските вредности и стандарди во кои СДСМ и Заев лажно се колнат.

Почитувани граѓани на Република Македонија. Никој! Ама никој не смее и не може да ве натера против своја волја, со поткуп, со измама или принуда, да излезете да гласате за капитулантската спогодба која Зоран Заев ја потпиша со Република Грција, а со која се менува името на нашата држава во Република Северна Македонија. Вашата одлука дали ќе излезете на гласање на референдумот и ако излезете на гласање, како ќе гласате, е Ваше неприкосновено, лично и свето право и само Вие можете да донесете лична одлука, слушајќи ги Вашето срце и разум.

И на крај! Уште еднаш ќе потсетам и ќе предупредам, дека секој кој се огрешува кон законите во Република Македонија, за секој криминал или велепредавство, брзо ќе дојде моментот кога ќе седне на обвинителна клупа и ќе одговара за тоа!

Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ