Извршниот директор на германската компанија „Бионтек“, која е еден од производителите на вакцината против Ковид-19 – Фајзер/Бионтек, изјави дека раните податоци за ефикасност на вакцината против сојот Омикрон делуваат „смирувачки“, но предупреди дека вакцините сами по себе нема да ја запрат пандемијата.

Директорот на Бионтек, Угур Шахин, за францускиот весник „Монд“ истакна дека прелиминарните податоци од Велика Британија и Јужноафриканската Република укажуваат на ефикасност од околу 70 проценти по третата доза и околу 20 до 40 проценти по втората доза. Шахин, исто така, вели дека чека податоци од реалниот живот за да ја процени точноста на една германска студија која укажува на брзо губење на ефикасноста од околу 25 проценти по три месеци, дури и по примени три дози.

– Со тек на времето, ќе има пад на ефикасноста во однос на сојот Омикрон, што е многу веројатно, но сепак треба да ја измериме брзината, нагласи Шахин.

Тој порача и дека нема да ги базира своите предвидувања на прелиминарните лабораториски податоци, туку на податоци од реалниот живот.

– Очевидно, ние сме далеку од 95 отсто ефикасност која ја имавме против почетната форма на вирусот. Но, по третото инјектирање, се чини дека нашата вакцина обезбедува 70 или 75 проценти заштита од каква било форма на болеста, што сепак е добар резултат за вакцината, додаде Шахин.

Сепак, тој предупредува дека вакцината сама по себе нема да ја спречи пандемијата.

– Дури и тројно вакцинираните може да ја пренесат болеста и ќе мора да се тестираат, особено во контакт со ранливите луѓе. Бидејќи варијантата Омикрон станува доминантна, заштитните мерки ќе останат неопходни, особено оваа зима, заклучи Шахин.