Државната комисија за спречување на корупција на денешната 24 седница донесе одлуки за затворање на предметите против вицепремиерот Кочо Анѓушев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за постапките за добивање концесии за изградба на мали хидроцентрали.

ДКСК разгледа две пријави за судир на интереси против вицепремиерот Кочо Анѓушев при избор на концесионери за мали хидроцентрали, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и НВО Фронт 21/42. Од ДКСК информираа дека не се утврдени наводите од пријавите и дека Анѓушев не се нашол во судир на интереси и се изземал од седниците на Влада при одлучувањето.

– Не се потврдени наводите дека при продолжување на рокот за договорот за концесија за користење на водата и пренамена и доделување градежно земјиште за изградба на мали хидроцентрали за локациите на реките Врановска и Тополка на друштвото МХЕ „Тополки“ ДОО Скопје Кочо Анѓушев не се нашол во состојба на судир на интереси, бидејќи пред спроведување на постапките тој го пријавил својот приватен интерес и се изземал од седниците на Владата, на кои се расправало и одлучувало во врска со хидроцентралите, каде тој е сопственик или содружник, образложи Нури Бајрами од ДКСК.

ДКСК едногласно донесе заклучок дека наводите оти Анѓушев не го пријавил приватниот интерес и не се изземал од расправата, не се потврдени со што донесе одлука предметот да се затвори и архивира.

На денешната седница, ДКСК го разгледа и предметот отворен по сопствена иницијатива врз основа на изјави во медиуми, за влијание на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како советник на Влада и член на УО на АД ЕЛЕМ, при доделувањето на концесиите за користење на води за изградба на мали хидроцентрали, како и наводи во однос на изворот на средствата со кои тие се изградени.

– Фактите говорат дека Христијан Мицкоски не бил во состојба да ја користи функцијата советник во Владата и член на Надзорен одбор како би стекнал некои права или користи. Во однос на изворите на финансирање од страна на концесионерот склучен е долгорочен кредит со деловна банка. Во меѓувреме настанати со промени во сопственичката структура на Енерготек ДОО, што е дел од конзорциумот, каде капиталното учество на Христијан Мицкоски се намалува и повеќе не е сопственик, образложи. Сето ова говори дека наводите искажани во медиумите се неосновани, образложи Катица Николовска од ДКСК.

ДКСК едногласно усвои заклучокот дека ДКСК понатаму нема простор за постапување и постапката да се запире, а предметот да се затвори.

ДКСК, на денешната седница разгледа повеќе пријави за наводи за предмети од областа на судир на интереси и од областа на спречување на корупцијата.