Користење службени возила за приватни цели, одење по одмори, теретани и кафулиња. Дали функционерите ги злоупотребуваат автомобилите кои им се дадени на располагање за работа? До вакви и слични заклучоци дојде Антикорупциската комисија до каде се стасани повеќе претставки од ваков карактер.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во интервју за ТВ 24 открива индиции за тешки манипулации со службените возила во Владата, но уште повеќе на директорите на институциите. Затоа веднаш до Владата испратиле препорака, сите државни возила во земјава, без исклучок, да имаат обоени црвени таблички, така ќе се обесхрабрат функционерите бесрамно да трошат народни ресурси.
Од Владата не ја прифаќаат, но не ја ни одбиваат идејата на антикорупционерите, велат дека став ќе имаат откако за овие препораки ќе се дебатира на седница.
– Сите предлози, било да доаѓаат од граѓански организации, поединци или други чинители, Владата ги почитува и зема предвид. Во однос на предлогот за кој прашувате, штом за него се разговара на седница на Владата и се донесат заклучоци, јавноста ќе биде информирана, велат од Владата.
Оваа мерка на антикорупционерите доаѓа откако ДЗР откри дека во време на пандемијата, на големо се набавувале возила по државните институии, без реална потреба. Сто четириесет и две возила вредни 3.600.000 евра биле набавени за време на ковид пандемијата.
Антикорпционерите велат дека е лицемерно во време кога се бара од граѓаните да штедат пари функционерите да се луксузираат со нови возила – а во исто време да ги користат и за приватни цели. На ова мора да се стави крај потенцираат тие.