Процесот на преговори за безбедносните гаранции е единствениот начин за решавање на актуелната ситуација, а за да се избегне војна мора да преговарате, изјави денеска потпретседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
– Не смее да има војна на кој било начин, никој не бара да започне војна и мора да се направи се за да се избегне каква било војна, истакна Медведев за руските медиуми.
Во таа смисла, тој нагласи дека најважна и „единствена опција е да се преговара за безбедносните гаранции, вклучително и политички и дипломатски средства“, како и користење на принципот на неделивост на безбедноста во меѓусебните односи, кој е вклучен во сите европски и меѓународни фундаментални документи.
Медведев, сепак, посочи дека има луѓе кои заработуваат на тензии и приказни за воено сценарио.
Зборувајќи за документите за безбедносните гаранции што Москва ги побара од САД и НАТО, Медведев истакна дека тие документи се многу конкретни и ја одразуваат загриженоста на официјална Москва.