Изминатите месеци глобалното внимание е насочено кон ретките минерали и другите елементи, неопходни за високотехнолошките индустрии, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да се спротивстави на доминацијата на Кина во овој сектор. По неуспешните преговори помеѓу Вашингтон и Киев за украинските ретки минерали, рускиот претседател Владимир Путин им предложи на САД заеднички да ги истражуваат руските наоѓалишта.
И додека Украина не е задоволна од новиот американски нацрт-договор за ретките минерали, Русија објави дека почна заеднички проекти со САД за нејзините рудните ресурси.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 28 март, по добивањето на новиот американски нацрт-договор, кој според него е „драматично проширен“, изјави дека Киев нема да прифати никаков договор за ретки минерали, кој би ја загрозил интеграцијата во Европска Унија.
Трамп синоќа го предупреди Зеленски да не се откажува од договорот бидејќи може да биде „во голема неволја“.
– Гледам дека тој (Зеленски) се обидува да се повлече од договорот за минерални суровини. И ако го направи тоа, ќе биде во неволја. Ќе има големи, големи проблеми … Се договоривме за тоа, а сега тој (Зеленски) вели дека сака повторно да преговара. Тој сака Украина да стане членка на НАТО. Значи, тој никогаш нема да биде членка на Алијансата и тој го разбира тоа. Затоа сега бара повторно преговарање, истакна Трамп.
Директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев за весникот „Известија“ изјави дека Москва и Вашингтон почнаа преговори за заеднички проекти на полето на ископување на ретки минерали и други проекти во Русија.
Тој посочи дека некои компании веќе покажале интерес за проектите, но не ги наведе нивните имињата, ниту објави дополнителни детали.
„Известија“ објави дека за соработката може дополнително да се разговара на следната рунда руско-американски разговори, што би можело да се одржи во средината на април во Саудиска Арабија.
Со последниот американски предлог се бара од Киев да му ги испрати на Вашингтон сите приходи од заедничкиот инвестициски фондот, што ќе ги контролира украинските ресурси, додека Украина не ја плати американската воена помош со камата. Според последниот нацрт, Украина нема да има безбедносни гаранции и од неа се бара да придонесе во фондот со приходи од природни ресурси управувани од државни и приватни компании.
Нацрт-договорот предвидува Вашингтон да има приоритет при купување ресурси и враќање на сите пари испратени во Украина од 2022 година, со годишна каматна стапка од четири отсто, пред Украина да добие пристап до приходите на фондот.
Со заедничкиот инвестициски фонд би управувала американската корпорација за меѓународен развој, а фондот би имал пет членови на одборот, од кои тројца би биле назначени од САД и двајца од Украина. Средствата би се заменувале за девизи и би се испраќале во странство.