Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе има „последици“ доколку Кина испрати оружје во Русија поради војната на Москва во Украина, но додаде оти е оптимист дека Пекинг ќе се воздржи од тоа.

Шолц ова го изјави во вчерашното интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен, два дена по средбата со американскиот претседател Џозеф Бајден во Вашингтон.

Американските власти неодамна предупредија дека Кина би можела „да отстапи од маргината“ до која се држи и да почне да испорачува оружје и муниција за Москва. Пред неговото патување, Шолц го повика Пекинг да се воздржи од испраќање оружје и наместо тоа да го искористи своето влијание за да изврши притисок врз Русија да ги повлече своите трупи од Украина.

На прашањето од Си-Ен-Ен дали може да замисли да ја санкционира Кина ако и помогне на Русија, Шолц рече: „Мислам дека ќе има последици, но сега сме во фаза кога јасно велиме дека тоа не треба да се случи, а јас сум релативно оптимист дека во овој случај ќе бидеме успешни со нашето барање, но ќе мора да го разгледаме и мора да бидеме многу, многу внимателни“.

Германија има најголема економија во Европа, а Кина е нејзин најголем трговски партнер во последните години.

Откако вчера се врати во Германија и откако неговиот кабинет се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Шолц беше прашан од новинарите дали добил конкретни докази од САД дека Кина размислува за испорака на оружје и дали ќе ги поддржи санкциите против Пекинг доколку Кина помага да се вооружи Русија.

– Сите се согласуваме дека не смее да има испорака на оружје, а кинеската Влада изјави дека нема да го достави. Тоа е она што го бараме и го следиме, изјави германскиот канцелар.

Фон дер Лејен рече дека „немаме докази за тоа, но мораме тоа да го следиме секој ден“.

Таа рече дека тоа дали Европската унија ќе ја санкционира Кина за воена помош за Русија е „хипотетичко прашање на кое може да се одговори само ако стане реалност и факт“.