Доколку дојде до членство на Косово во ОН и други меѓународни институции, тој ист пат ќе го побара и Бања Лука, изјави претседателот на Република Српска Милорад Додик.
– Парламентот на Српска донесе резолуција во која се наведува дека, во случај на воспоставување нов меѓународен принцип и пракса во признавање на правото на самоопределување, ќе инсистираме на утврдување на нашиот државен статус. Тој документ и понатаму е во сила и од тоа нема да се откажеме, рече Додик за „Новости“.
Тој порача дека странците упорно применуваат двојни аршини и предупреди дека не можат аргументацијата, која ја користат за Косово, да ја исклучат во БиХ.
– Во тој однос, решавањето на односот меѓу Белград и Приштина на трајна основа би морало да подразбира и решавање на прашањето за статусот на Српска, рече Додик.