Договорот ЕУ-Египет не е само за мигрантското прашање, туку опфаќа широка програма за поддршка на египетската економија и навистина претставува голем историски потег, истакна потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Не гледаме секој ден пет премиери од ЕУ и претседателката на Европската комисија заедно и координирано да посетуваат трета земја за да потпишат договор од таков обем, посочи Схинас.

– Иако често се претставува како договор за миграцијата, Договорот ЕУ-Египет е сеопфатно стратешко партнерство кое не ја опфаќа само миграцијата, туку и широка програма за поддршка на египетската економија. Египет е столб на стабилноста во регионот. Со овој договор му помагаме на Египет да застане на свои нозе, во економијата, на пазарот на трудот, во животната средина, во енергетиката. Тоа е навистина голем историски потег, рече Схинас.

За мигрантското прашање истакна дека улогата на Египет во управувањето со миграциските бранови е клучна за Европа, иако, како што објасни, од оваа земја нема пристигнувања во Европа, туку проблемот е на границата меѓу Египет и Либија, каде што е потребна поголема контрола.

Во однос на ситуацијата на грчкиот остров Гавдос, каде што во изминатиот период имаше зголемени мигрантски бранови, потпретседателот на ЕК рече дека не сме до точка да говориме за загрижувачка ситуација, како што беше случај на италијанскиот остров Лампедуза.

– Ако има влошување на ситуацијата, имаме искуство, средства и волја за да се справиме со тоа, посочи Схинас.