Официјален Париз во својство на претседавач на Европската унија дава целосна поддршка за договор меѓу Скопје и Софија кој ќе ја деблокира европската перспектива на земјава. Бугарија порачува дека е заинтересирана нејзините барања да бидат гарантирани преку пристапниот процес и дека нема да подлегне на никаков притисок од надвор кога станува збор за тргање на ветото. За земјава, членството во ЕУ нема алтернатива и ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, завчера по телефонските разговори со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот Димитар Ковачевски, соопшти дека е подготвен да ги пречека во Париз „кога ќе дојде време“ властите на Бугарија и на Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.
Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, „веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји“, потсети Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Радев и премиерот Ковачевски, јави дописникот на МИА.
За време на разговорите, Емануел Макрон ја изрази својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на С. Македонија. Макрон изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства, велат од Елисејската палата.
– Европската перспектива на Република С. Македонија била тема и на телефонскиот разговор на бугарскиот претседател Радев со помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, соопшти вчера прес-службата на бугарскиот претседател.
Двајцата го осудиле како недозволиво палењето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Според Радев, палењето на културниот центар го извршиле луѓе кои се обидуваат да го попречат процесот на евроинтеграција. Донфрид оценила дека целта била да се поткопа преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Македонија.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, коментирајќи го развојот на односите меѓу Скопје и Софија, вчера изјави дека Бугарија нема да прави ништо под притисок во врска со Македонија. Петков истакна дека Бугарија се обидува да види дали нејзините барање и потреби за поддршка на Бугарите во земјава можат да бидат гарантирани преку европскиот процес.
– Ќе оставам на Министерството на надворешни работи, затоа што тие преговараат токму сега. Прашање е дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да не притиска за било што, додаде Петков.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, вчера во Анкара, порача дека за земјава, членството во ЕУ нема алтернатива и дека земјава ќе продолжи со напорите за надминување на разликите со Бугарија, но и за исполнување на критериумите за членство во Унијата.
– Република С. Македонија го има започнато европскиот пат пред околу 20 години, но за жал и покрај 17-те години активен процес, се уште не ги има започнато преговорите поради различни предизвици што не се директно поврзани со ЕУ и исполнување на критериумите. Еден од споровите што во моментов го кочи тој процес е спорот со Република Бугарија, појасни Османи.
Според него, ова одложување на процесот кај граѓаните на земјава создава незадоволство и разочарување.
– Нашето убедување е дека ова требаше да биде процес заснован на заслуги, односно процес во којшто доколку ги исполнувате критериумите, се движите напред во процесот. Меѓутоа, за нас нема алтернатива затоа што ние сме географски внатре во ЕУ, регион опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата економија е 90 проценти поврзана со ЕУ и оттука нема алтернатива, освен еден ден овој регион да стане дел од ЕУ и ќе продолжиме со тие напори, се разбира надминувајќи ги разликите меѓутоа и продолжувајќи да ги исполниме критериумите, нагласи Османи.
Аналитичарот Едвард Џозеф од Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, во изјава за Гласот на Америка вели дека Македонија и Албанија го имаат исполнето тоа што од нив се бараше за почеток на преговори со ЕУ, и затоа блокирањето на интегративниот процес претставува проблем за самата ЕУ, но и за САД. САД, вели тој, треба да реагираат на Балканот каде ЕУ не може да постигне поместување на позициите.
-Бугарската блокада е мошне позитивна за Русија. Тоа е важно да се нагласи. Интересот на Русија да го спречи Балканот да се придвижи кон стабилност, кон ЕУ и НАТО, рече аналитичарот.
Осврнувајќи се на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија, прв од таков вид, и влијанието врз регионот, Џозеф смета дека „тајмингот на неговото одржување во Вашингтон не можеше да биде подобар за земјава, затоа што подоцна месецов, ЕУ ќе одржи Самит од каде ќе биде донесена одлука за евентуален излез од овој анти-демократски и проруски маневар на Бугарија со блокирањето на почетокот на преговорите за Скопје и за Тирана“.
Во меѓувреме, бугарскиот премиер Петков на официјалната Фејсбук страница на бугарската Влада го поздрави откривањето на сторителот на палењето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Тој им се заблагодари на властите во Република Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски за ефективно постапување, со што во најбрз можен рок го фатиле пироманот.
-Дефинитивно нема да подлегнуваме на провокации кои имаат за цел да ги саботираат односите со нашите соседи, пишува на ФБ статусот на бугарскиот премиер.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера, информира дека е приведено 34 годишното лице Л.А од Битола, за потпалувањето на влезната врата на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 4 јуни.
– Имаше опсежна активност на СВР Битола се преземаа многу активности, многу службени разговори се обавени, прегледан е многу материјал од видео надзор не само од објектот, туку и на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело, изјави Спасовски, кој беше во работна посета на СВР Охрид.
Во 2019 година, Емануел Макрон стави вето, со уште две земји членки, на отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, со барање да биде усвоена нова методологија за пристапување во ЕУ. Софија го блокира пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија од ноември 2020 година поради спорови поврзани со јазикот и историјата.