ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, Министерството за здравство располагало со информации за приближно 400 анализи на неисправна вода за пиење, но, како што тврдат од партијата, јавноста не била навремено информирана.
Според соопштението, станува збор за анализи во кои биле утврдени различни неправилности во квалитетот на водата, при што, како што наведуваат, институциите не презеле соодветни мерки ниту ги предупредиле граѓаните за можните ризици.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат неколку конкретни примери од 2021 година, меѓу кои неисправна вода во здравствен дом во Македонска Каменица, неисправна вода на чешма во близина на училиште во селото Гумалево, отсуство на резидуален хлор во локален водовод во Дебарца, како и случаи на микробиолошка контаминација и присуство на бактеријата Escherichia coli во Требеништа и во одморалиштето Пониква кај Кочани.
Партијата прашува зошто, доколку овие информации биле познати на Министерството за здравство, граѓаните не биле известени и зошто не биле преземени мерки за отстранување на ризиците.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ наведува дека веќе се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи и очекува Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага за целиот случај, да утврди дали постоело прикривање на информации и дали со евентуално непостапување биле загрозени здравјето и животите на граѓаните.
Од партијата порачуваат дека за случајот мора да има одговорност и дека, како што наведуваат, никој не смее да биде над законот, без оглед на функцијата што ја извршувал.




