Температури во рамки на просекот и количество врнежи со потпросечни вредности за околу 25 проценти, може да очекуваме наесен. Недостиг на врнежи особено ќе има во западните делови од државата и до 50 проценти, покажува сезонската прогноза што ја објави денеска Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во првиот месец од есента во најголем дел од државава ќе имаме просечна температура на воздухот од 14 до 16 степени. Потопло, со средна месечна температура од 16 до 18 степени ќе биде во Скопско-Кумановскиот регион, како и во Гевгелиско-Струмичкиот регион, додека најниска месечна температура, од 10 до 12 степени, ќе имаат повисоките планински области од северозападниот регион. Споредено со просечните многугодишни вредности, потопло од вообичаено ќе биде во северните делови од државава, додека во најголемиот дел септемвриските температури ќе бидат со вообичаени вредности.
Според УХМР, количеството на врнежи за септември се очекува да изнесува од 25 до 50 литри на метар квадратен, а во југоисточните делови од 10 до 25 литри на метар квадратен. Се прогнозира недостиг на врнежи во западните делови за 25 до 50 проценти, а во источните до 25 проценти.
Средната температура во септември, октомври и ноември на целата територија, според прогнозата, ќе изнесува од 10 до 12 степени, освен во крајните северозападни планински подрачја, за каде се прогнозираат 8 до 10 степен.
Очекуваните врнежи за оваа есен ќе изнесуваат од 75 до 150 литри на квадратен метар, односно од 25 до 50 за секој месец поединечно.
Управата за хидрометеоролошки работи, во рамки на своите законски надлежности изработува редовни сезонски и месечни климатски изгледи, во соработка со Светската метеоролошка организација и други меѓународни организации.
Сезонските и месечните изгледи на времето даваат генерални и општи информации за очекуваните вредности на основните метеоролошки параметри средната температура на воздухот и сумата на врнежи. Се базираат на резултати од динамички модели, статистички модели и познати телеконекции на климатските показатели подготвени за поширокиот регион на Медитеранот, кој исто така се применува и е прилагоден на Југоисточна Европа.