Срамота за Македонија е фудбалерите на македонската фудбалска гордост Вардар да нема каде да тренираат, додека некои играат фудбал по канцеларии, вели првиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Андон Дончевски.

Тој во интервјуто за Македонската телевизија емотивно зборуваше за една од своите најголеми љубови, фудбалскиот клуб Вардар од Скопје.

– Една екипа како Вардар, која играла во Европа, денес се соочува со оваа ситуација. Нехуман е овој однос кон Вардар, Не е само Вардар во прашање туку е Македонија во прашање. Педигрето на Вардар никој го нема и уште сто години да поминат, никој нема да го стигне. Вардар дојде во ситуација за која човек не ни помислувал, рече Дончевски.

Некои, додаде Дончевски, играат фудбал по канцеларии, а Вардар нема каде да тренира!

– Греота е за тие фудбалери да нема каде да тренираат, да нема каде чај да се напијат. Да не знаат каде ќе играат, а да не зборувам за некои премии, бонуси, плати и друго, рече Дончевски.

Поранешниот македонски селектор деновиве, по доаѓањето од Австралија, ја посети репрезнетација и фудбалерите, а доби признание „спортски великан“ од Македонскиот олимписки комитет.