Судот во самопрогласената проруска Народна Република Доњецк осуди на смрт двајцата британски и еден марокански доброволец кои се бореле на украинска страна, а биле заробени од руските сили во Мариупол, објавија руските медиуми.

Судот на територијата под руска контрола во источна Украина ги осуди Ејден Ајслин и Шајн Пинер по судењето кое траеше само неколку дена. Набљудувачите велат дека станува збор за монтиран процес со кој се обиделе да го имитираат судењето за воени злосторства на руските војници во Киев.

Ајслин (28) и Пинер (48) биле осудени на смрт заедно со Мароканецот Сауди Брахим поради „тероризам“.

И двајцата Британци рекоа дека служеле во единица на украински маринци, што ги прави активни членови на војската и дека треба да бидат заштитени со Женевската конвенција како воени заробеници, наспроти третманот на „платеници“ што го имаат.

РИА Новости вчера објави видео на кое се гледа како Британците потврдно одговараат на прашањето дали се изјаснуваат за виновни за тероризам, извршување на злосторства во рамките на криминална организација и насилно преземање на власта.

На ова реагираше британската Влада изразувајќи длабока загриженост.