Времето во Македонија е облачно и нестабилно и на повеќе места има пороен дожд и грмежи. Во изминатите 24 часа, седум литри дожд на квадратен метар наврнал во Прилеп и шест во Тетово.

УХМР соопшти дека локално врнежите се во форма на невреме, со засилен ветер и појава на град.  До крајот на денот врнежите ќе престанат и ќе се повлечат кон југоисток.

Максималната температура денеска ќе биде во интервал од 19 до 31 степени.

Во Скопје е променливо облачно и нестабилно, со пороен дожд и грмежи и има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер. Максималната температура ќе достигне 30 степени.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека од утре до вторник времето ќе биде стабилно со постепен пораст на дневната температура.

В среда повторно ќе има појава на локален пороен дожд со грмежи и засилен ветер, а во четврток, претежно на планините, ќе има услови за краткотраен дожд.