Авион со 189 патници на Рајанер на летот Даблин – Задар ноќеска принудно слетал во близината на Франкфурт, поради технички проблеми, пишува Дојче Веле.

Авионот слетал околу 23:30 часот на аеродромот Хан, во близина на Франкфурт.

– Имаше технички проблеми поради што падна притисокот во кабината, па пилотот го спушти авионот во Хан, изјави портпаролот на авиокомпанијата Рајанер, притоа не наведе прецизно за какви технички проблеми станува збор.

Тој додаде дека 30 патници се префрлени во болница поради болки во ушите и главата.

Еден од патниците во авионот објави фотографија на која се гледа како во кабината висат маски за кислород.

– Декомпресијата на 11.000 метри и наглото спуштање на 2.800 метри. Принудно слетување на Франкфурт Хан. Одвај слушам на десното уво. Битно е дека преживеавме, напиша патникот покрај фотографијата.

Полицијата соопшти дека Рајанер за денеска организира друг авион да ги префрли патниците во Задар.