Вистинска драма за проблемот со мигрантите, дигна германската канцеларка Ангела Меркел, на затворениот дел од состанокот на Европската народна партија во Минхен, јавуваат хрватски медиуми
Потенцијалната мигрантска криза и безбедноста беа во фокусот на состанокот на Европската народна партија (ЕНП), која ги обединува христијанско -демократските и либерално – конзервативните партии во ЕУ. Значи ли тоа дека планот на ЕУ за мигрантските коти пропадна?
„Планот пропадна и се распрска. Тоа звучи уште посилно кога го кажува Ангела Меркел, која на затворениот дел од седницата во Минхен предизвика вистинска драма околу потенцијалната мигрантска криза. Таа рече ако не се контролира, може да ги стресе темелите на ЕУ. Притоа, никој од присутните не и рече: Госпоѓо канцеларка, вашата политика доведе до оваа ситуација“, известува ТВ Нова од Минхен.
На состанокот на ЕНП, освен за мигрантската криза, се разговарало и за проширувањето на ЕУ.
Шефовите на држави и влади во ЕНП, осуммина се во Советот, покажале задршки, судејќи според последниот извештај за напредокот. Но, „народњаците“ на чело со Меркел го застапуваат т.н. „конективити концепт“ – концепт на поврзаност со земјите кои преговараат и потенцијалните земји-преговарачи за влез во ЕУ. Во тој поглед, францускиот претседател Емануел Макрон е многу поблизок до либералите кои застапуваат т.н. усидрување, поточно европските земји кои преговараат да се поттикнуваат да го продолжат тој процес, но проширување нема и понатаму.
И за тоа, како што се вели во јавувањето од Минхен, сигурно ќе има полемика на следниот самит, што ќе се одржи кон крајот на месецов.