Францускиот претседател Емануел Макрон за денеска закажа состанок со лидерите на германската, италијанската и британската влада, како и на ЕУ, спроти состанокот на Г7, кој треба да се одржи денеска. Целта е да се засили „европскиот сојуз“ пред политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Свикувам состанок на сите европски лидери, германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј и новиот италијански премиер Џузепе Конте во петок во 10:30 часот во Ла Малбе во Квебек, каде што ќе се одржи состанокот на Г7. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, исто така, ќе учествуваат на тој состанок, рече Макрон.

Ставот на Трамп за иранското нуклеарно прашање и за климата, како и неговата одлука да воведе царини на увозот на челик и алуминиум од европските земји, се „подлога за обнова на Европа“, истакна Макрон пред француските новинари.

Францускиот претседател кој пристигна во Монтреал од Отава, каде што се состана со канадскиот премиер Џастин Трудо, синоќа требаше да стигне во Ла Малбе, каде што денеска и утре се одржува самитот на претседатели и влади на земјите од Г7.

Тој самит на кој на виделина може да избие разијдувањето на повеќе земји со САД, „во најмала рака ќе ја зацврсти слогата помеѓу шестмината“, оцени Макрон, алудирајќи на четирите европски земји, Канада и Јапонија.

Според неговите зборови, самитот во Ла Малбе „ќе овозможи да се воспостави поширок сојуз против дестабилизација во светот“.