Во селото Шиштавец, општина Кукс во Албанија неодамна се одржа културна манифестација под наслов „Денот на промоција на културата на Гора“ на која деца облечени во боите на бугарското знаме играа пред бугарската амбасадорка во Албанија и градоначалникот на општината. Во Косово, пак, има најавена петиција од „500 Бугари до косовскиот парламент за признавање на бугарско малцинство во Косово“

 

Бугарската држава, во последно време е многу активна меѓу Македонците и Гораните во Албанија, каде дели бугарски пасоши и организира манифестации на кои се истакнува „бугарското потекло“ на овие граѓани на Албанија.

Албанската ТВ „Топ чејнел“ емитуваше и прилог за настанот во Шиштавец. На средбата на бугарската амбасадорка во Албанија, Адела Пашкова со градоначалникот на Кукс Башким Шеху било кажано дека причина за одличните билатерални односи меѓу Бугарија и Албанија е и почитувањето на културните права на „бугарското малцинство“.

– Денеска е празничен ден, бидејќи денешните вредности на Бугарија и провинцијата Гора ги претставивме во Кукс. Тоа е посебен ден за културата која дава крилја за пријателство, љубов и меѓусебно почитување меѓу двете земји, изјави градоначалникот Шеху.

Притоа бугарската амбасадорка истакна:

– Овие три бугарски и албански денови ги одржуваме и промовираме заедно за европското културно наследство, рече Пашкова.

Бугарија е се поактивна во докажувањето дека во Албанија во областа Мала Преспа и Голо Брдо живеат етнички Бугари.

Лани во октомври албанскиот парламент го усвои Законот за заштита на малцинствата со кој освен Македонците, Власите, Грците, Египќаните, Србите, Бошњаците, Црногорците и Ромите, внесено е постоењето и на уште едно национално малцинство – бугарското.

Македонските друштва во Албанија реагираа на ваквата одлука на албанскиот парламент.

– Албанските власти се свесни дека грешат, но потклекнаа пред заканите на Бугарија за ставање вето за започнување на преговорите за членство со ЕУ. Во Албанија, според сите пописи на населението, немало бугарско малцинство. Баравме од пратениците да не се прифаќа, зашто тоа не е во интерес не само на македонското малцинство, туку исто така е национален интерес на Албанија да не го прифаќа имагинарното бугарско малцинство, зашто утре последиците ќе бидат многу сериозни за Албанија. За се нешто ќе биде уценувана од Бугарија. Ова е геноциц врз Македонците и деформација на историјата и на вистината пред очите на Европа, оцени тогаш Никола Ѓурѓај од македонското друштво „Илинден“.

Остра реакција по повод бугаризацијата на Гораните во Албанија и во Косово, вчера упати и Светскиот македонски конгрес (СМК) и ја обвини актуелната власт во Република Македонија дека не води доволно грижа за Македонците во соседните земји.

– СМК најостро ја осудува бугарската агресија врз Македонците во областите Гора и Жупа на Косово. Бугари во Косово, како и во регионите Гора и Жупа, нема! Софија продолжува со агресивната антимакедонска политика и декларацијата за Македонците во Македонија и во светот како Бугари, влошувајќи ги добрососедските односи во целина, реагира претседателот на СМК, Тодор Петров.

Тој истакна дека на целата територија на Република Албанија, и посебно во регионите Гора и Жупа не живеат Бугари, туку само Македонци, а Македонците во Косово не се Бугари.

– СМК од македонската Влада бара остар демарш до Брисел и до Софија за антимакедонската политика и преименувањето на Македонците на Косово за “Бугари“. СМК апелира до Брисел за активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Косово, со услов писмена декларација за „бугарско потекло“, реагира Петров.

Претседателот на СМК ја осудува незаинтересираноста на македонската Влада за унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Косово, со што ја овозможува срамната асимилација на Македонците во „Бугари“.

– Најавената петиција од „500 Бугари до косовскиот парламент за признавање на бугарско малцинство во Косово“ ја смета за злоупотреба на човековите права и очекува косовската Влада да ја отфрли, затоа што Бугари на Косово никогаш немало, воопшто пак меѓу Македонците во регионите Гора и Жупа, вели Петров.