Национален приоритет е да се креираат планови и патокази за дигитална трансформација и да се финансираат иницијативи за дигитализација на претпријатијата. Важно е државата да се фокусира на зелената дигитализација и на создавање еколошки одржливи дигитални инфраструктури, беше речено на денешната конференција „Go Green: Обезбедување дигитална еколошка одржливост“ во организација на Бирото за регионален развој. Оваа конференција се организира во рамки на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“, финансиран од ЕУ во рамки на Interreg Balkan Med Program 2014 – 2020.

Според директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, Бирото го спроведува проектот „Компјутерската моќ станува зелена“ од 01 октомври 2021 година, финансиран од Балкан Мед програмата на Европската Унија. „Проектот се спроведува во партнери од Грција, Албанија, Кипар и Бугарија. Ова е прв иновативен пилот проект кој што се спроведува во Р. С. Македонија. Во рамки на проектот мапиравме, даваме анализа и опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето на мерките за зелена дигитализација, фокусирана проценка на земјата, извештај за идентификација на ресурси и мерки. Оваа Конференцијата има цел да обезбеди дигитална еколошка одржливост презентирана од повеќе страни – меѓународно, национално и локално ниво, бидејќи сите заедно треба да придонесеме до зелена дигитализација“, вели Реџепи.

Дигиталните технологии, како што се вештачката интелигенција, 5G, IoT, cloud и edge computing, исто така, имаат капацитет да ги забрзаат и максимизираат ефектите од еколошките политики. Новиот пристап што го усвојува овој проект се однесува на мониторинг, проценка и промоција на TWIN инвестициите. Дигиталната трансформација не се промовира изолирано, туку се гледа под објективот на зелениот развој.

Даниела Цветаноска, проектен менаџер, објасни дека главна цел на проектот е да го промовира усвојувањето на интегрираниот пристап и рамка за создавање комбинирани зелени и дигитални иницијативи за трансформација на национално и транснационално ниво, што ќе доведе до „позелено“ функционирање. на дигитални инфраструктури кои користат центри за податоци. „Целта на проектот ја препознава важноста од зголемување на капацитетот на локалните актери за примена на иновативни пристапи во развојот на пријателски стратегии за животната средина во корист на програмската област на Балкан Мед. Овој капацитет може да се зајакне преку различни видови заеднички активности и имплементација на најдобри практики на терен. Во рамки на проектот се мапираа актуелните трендови и состојби во однос на иницијативите за дигитална трансформација, се анализираа и се даде опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето мерки за зелена дигитализација во Република Северна Македонија, се креира фокусирана проценка на земјата за зелена дигитализација во Република Северна Македонија. Проектот придонесе до стручни наоди за сите теми и дополнитлено, истите ќе бидат достапни за сите граѓани со Барометарот кој што е во фаза на подготовка. Проектот се имплементира со партнери од Грција, Албанија, Кипар и Бугарија, а финансиски поддржан е од Балкан мед програмата 2014 – 2020“, рече Цветаноска.

Министерот за локална самоуправа самоуправа, Ристо Пенов објасни дека „дигиталната трансформација е глобален тренд и ние мораме да го фатиме чекорот. Предизвиците за јавниот сектор се големи. Ме радува фактот дека постои свесност за потребата од подинамична трансформација на начинот на управување со процесите. За тоа се потребни нови алатки, но и знаење. Со поддршка од Европската Унија, Бирото за регионален развој го прави токму тоа. Очекувам преку вакви проекти да продолжи трендот на прилагодување и побрза трансформација и на јавниот и на бизнис секторот и наше целосно прилагодување на целите на ЕУ и на глобалните развојни цели на ОН“.

Во рамки на конференцијата се одржаа и две панел дискусии на тема „Компјутерската моќ станува зелена – Go Green“ и „Предизвици за примена на зелена дигитализација во приватниот и општествениот сектор“.

Целта на проектот е релевантна со Приоритетната оска 2 животна средина на Програмата, која ја препознава важноста од зголемување на капацитетот на локалните актери за примена на иновативни пристапи во развојот на пријателски стратегии за животната средина во корист на програмската област; овој капацитет може да се зајакне преку различни видови заеднички активности и имплементација на најдобри практики на терен.

Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој го спроведува овој проект во партнерство со Регионот Западна Македонија – Грција, Техничката комора на Грција, Универзитетот за шумарство, Факултетот за екологија и пејзажна архитектура – Бугарија, Кипарската трговска и индустриска комора, Кипарската енергетика агенција, Национална агенција за информатичко општество – Албанија, Министерство за инфраструктура и енергетика – Албанија.