Речиси 1,4 милијарди евра тежат осум арбитражни постапки каде државата е тужена пред меѓународните институции во периодот од 2017 година па досега, информираше вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на брифинг со новинарите.

Битиќи истакна дека од осумте постапки против државата, во моментот активни се седум. Тој рече дека арбитражните постапки се добар начин да се заштити интересот на граѓаните.

– Имав дилема, но не траеше повеќе од десет минути, дали да потпишам да решаваме арбитражни спорови или да оставам како што тоа се правело претходно. Да замижам и да оставам некој друг да се занимава со последиците. Сметам дека треба да се заштити интересот на државата и граѓаните, а ова е еден од начините да се направи тоа. – рече Битиќи.

Меѓу познати постапки кои се водат против државата е и случајот каде италијанска фирма беше избрана да го гради клиничкиот центар Мајка Тереза, но договорот беше раскинат. Штетата која се побарува е 18 милиони долари.

Случајот со словенечкиот бизнисмен Блажо Тасев кој ја тужи државата за наводна неоснована експропријација на рудникот САСА, побарува 492 милиони евра а арбитражната постапка за овој спор трае 20-тина години.

Во меѓувреме, министерството за здравство неодамна го раскина и договорот со фирмата која ја градеше новата штипска клиничка болница, а дали ова ќе значи нов спор против државата од министерството нема конкретен одговор, само истакнуваат дека е активирана банкарска гаранција во износ од шест милиони евра.