Министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7 на состанокот во Њујорк ја потврдија својата соработка во давање поддршка за Украина. За ова информираше јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.
Изјавата следува по најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе ја спроведе својата прва воена мобилизација од Втората светска војна и ќе припои делови од украинската територија, истовремено заканувајќи се со употреба на нуклеарно оружје за одбрана на земјата.
– Повторно потврдивме дека земјите од Г7 работат заедно за поддршка на Украина и да одговорат на безбедноста на храната и енергијата, посочи јапонскиот министер на прес-конференција во Њујорк, каде се одржува Генералното собрание на Обединетите Нации.
Тој најави дека како дел од дополнителните санкции против Москва, Јапонија планира да го забрани извозот во Русија на производи поврзани со хемиско оружје и да ја прошири листата со организации поврзани со руската војска на кои извозот им е забранет.
Исто така, според него, членките на Г7 повторно ја потврдиле важноста на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.
Претседателот на САД, Џо Бајден неодамна изјави дека американските сили ќе го бранат Тајван во случај на кинеска инвазија. Како што нагласуваат дел медиуми, тоа е негова најексплицитна изјава на ова прашање, што предизвика лут одговор од Кина.
Во групата Г7 се САД, Германија, Јапонија, Велика Британија, Франција, Канада, Италија.