Првите луѓе на државните институции на Косово, претседателот на државата Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, го завршија состанокот со американскиот амбасадор Филип Коснет, но ниту еден од нив, по напуштањето на Амбасадата на САД, не даде изјава за медиумите, јави МИА од Приштина.

На состанокот учествуваа и лидерите на другите две партии кои се во коалиција со Демократската партија на Косово (ПДК) на Весели и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Харадинај, вицепремиерите Фатмир Лимај од Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и Беџет Пацоли од Алијансата Ново Косово (АКР).

Средбата се одржа по зачестените барања на Вашингтон за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, што предизвика криза во владината коалиција.

Премирот Хардинај е категорично против ова барање, со образложение дека дека Србија не исполнила ниту еден од условите за укинување на таксата и инсистира дека таа треба да остане во сила се додека Србија не ја признае независноста на Косово.

Претседателот на Собранието Весели предложи таксата, под одредени услови, да се суспендира на 120 дена, со цел, пред се, да не се наштети на стратешкото партнерство со САД.

За укинување на таксата силно се залага и претседателот на Косово и поранешен лидер на ПДК, Хашим Тачи, кој смета дека е тоа неопходно за да се деблокираат преговорите меѓу Приштина и Белград, кои беа прекинати минатиот ноември, откако Владата на Харадинај ја донесе спорната одлука.

Синоќа на истата тема се состанаа лидерите на четирите коалициски партии – Харадинај, Весели, Лимај и Пацоли, но тричасовната средба не резултира со конкретен договор во врска со американското барање.