Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, од 22 до 24 мај ќе оствари посета на Ватикан и Светата Столица по повод традиционалната Манифестација во чест на Св. Кирил.

Претседателот Гаши ќе ја предводи државно-црковната делегација на Република Македонија во состав: Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски, координатор на СДСМ, Беким Ќоку, координатор на Влен, Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието; Зоран Љутков, министер за култура, Оливера Трајковска, претседателка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; Негово Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј, митрoполит на Европска епархија, отец Пимен, д-р Зоран Стојанов, протојереј-ставрофор Никола Христоски, архимандрит Агатон, протоѓакон Александар Димитријов и ѓакон Стефан Гоговски.

На 22 мај 2026 година, државно-црковната делегација ќе присуствува на Аудиенција кај Папата Франциск во Ватикан. Програмата продолжува со средба на претседателот Гаши и кардиналот Пјетро Паролин. Во рамки на програмата, на 23 мај ќе се одржи Молебен во Базиликата „Сан Клементе“ (San Clemente), по што делегацијата ќе положи венец свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил, а предвидена е и посета на Базиликата „Санта Марија Маџоре“ (Santa Maria Maggiore).

Во состав на придружната делегација се новинарски екипи од МТВ, МИА, Канал 5 и ТВ 21, како и екипа на Собранискиот ТВ-канал. По одржување на секоја од активностите во програмата, Кабинетот на претседателот на Собранието ќе достави соопштение за јавноста, фото и видео-материјал.