Полскиот претседател Анджеј Дуда на денешната прес-конференција изјави дека нема знаци за смислен напад врз државата. Тој појасни дека ракетата, што падна во Полска, веројатно е истрелана од украинската противвоздушна одбрана.

Според него, се верува дека се работи за стара ракета C-300 од советско производство.

Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки истакна оти може да не се активира постапката од член 4 од Северноатлантскиот договор, откако стана јасно дека ракетата, што вчера зеде две жртви во државата, веројатно е истрелана од украинската противвоздушна одбрана.

Како што додаде Моравјецки, НАТО ќе распореди дополнителни средства за противвоздушна одбрана на територијата на Полска.

Членот 4 предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закана.

Две лица загинаа вчера кога, како што соопштија полските власти, „проектил од руско производство“ паднал во близина на селото Пжеводов, на околу 6,4 километри западно од украинската граница, приближно во исто време кога московските сили го лансирале својот најголем бран ракетни напади врз украински градови за повеќе од еден месец.