На народот му дојдовте до врвот на носот, му се обрати со жестока критика Саранда Имери – Стафаи, висок функционер во ДУИ и секретарка за еднакви можности, на портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи.

Критиката што на Фејсбук ја објави Стафаи е поради ароганцијата, како и за сите негови последователни скандали и изјави.

Информативната агенција на албански јазик Журнал ја пренесе нејзината реакција. Имери – Стафаи е дел од повлијателните членови на Огнената група, фракцијата во ДУИ.

Имери – Стафаи остро изреагира за изјавата на Османи на вчерашната прес-конференција кога тој рече дека „ДУИ не е епизодна, туку етаблирана партија“, од која „излегле десеттици движења, партии, структури“. Османи со тоа подбивно ја искоментира најавата на Изет Меџити, челникот на Огнената група, дека оваа партиска фракција во ДУИ ќе се преобрази во ново политичко движење.

Имери – Стафаи му порачува на Османи:

– Дa, Бујар. Имало епизоди, кои се отсечени од серијалот Династија (ДУИ). Ама, знаеш кај е разликата? Ги немате повеќе околностите и адутите од пред 10 години. Сега зборува народот. На народот му дојдовте до врвот на носот со луксузните автомобили, со облеката вредна илјадници евра, со бизнисите вредни милиони евра! На народот му дојдовте до врвот на носот со корупцијата до небо, со корумпираното судство, со непожелните личности – персони нон грата, со стилски снимените фотографии во стилот на мачо – маж, наспроти обичниот граѓанин, кој се бори за леб додека вие со вашите огромни приходи можете да си го дозволите луксузот да им купите граѓански финансиски обврзници и на вашите деца, пишува Имери – Стафаи.

Таа на крајот му порачува: Народот сега има опции, има повисока свест. Уживајте додека трае!