Пратеникот и лидер на ДУИ, Али Ахмети, најави дека ќе објави „големо изненадување“ на 5 јуни, а повеќе медиуми шпекулираат дека станува збор за заеднички кандидат со СДСМ за градоначалник на Скопје кој ќе биде етнички Албанец.
Партијата на Ахмети тоа од неодамна го најавува и со билборди на кои пишува „Нешто големо доаѓа“.
Слична кампања ДУИ водеше и пред парламентарните избори кога на ист начин ја промовира идејата за прв премиер Албанец.
Ваквиот настап на ДУИ дава аргумент плус на претпоставките дека интегративците ќе одат во коалиција со СДСМ на локалните избори, објавуваат денеска повеќе медиуми.
Засега е нејасно дали лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе даде поддршка за оваа идеја. Заев веќе најави дека Петре Шилегов е неговиот фаворит за градоначалник на Скопје и во следниот мандат.
СДСМ и ДУИ имаа соработка и на последните локални избори откако социјалдемократите не кандидираа свои кадри на местата каде што кандидатури имаше ДУИ и беше извесно дека ќе победи.