Фаќањето на дело на заменик-директор во Царинската управа со обележани 17.500 евра не може да заврши само со апсење на еден функционер, се вели во соопштението од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
Обвинителството потврди дека парите, наводно, биле побарани за користење влијание во две постапки пред Царинската управа. Токму тука започнува главното прашање: во чие име и за чиј интерес било користено влијанието?
Еден заменик-директор не носи одлуки сам, во вакуум. Тој е политички именуван, има политичка хиерархија и луѓе кои го предложиле, поддржале и поставиле на таа функција.
Затоа истрагата мора да оди подалеку од лицето кое ги имало 17.500 евра во раце.
Мора да се истражи улогата и секоја евентуална поврзаност на Мустафа Даути, Билал Касами и Изет Меџити со неговото именување, со постапките за кои бил побаран поткуп и со интересите што стојат зад нив.
Ако овие пари не биле само за него, тогаш граѓаните треба да знаат: за кого ги земал? Кому требало да му ги предаде? Кој стоел над него? Кој требало да има корист од влијанието врз овие постапки?
Касами и Меџити не можат да го затворат овој случај со политичко дистанцирање откако човек од нивниот систем е фатен со обележани пари.
17.500 евра се само врвот на случајот. Сега мора да се открие целиот синџир.
ДУИ бара од Обвинителството истрагата да не запре кај раката што ги зела парите, туку да стигне до секое политичко или институционално лице за кое постојат докази дека наредувало, посредувало или имало корист.
17.500 евра беа фатени во раце. Сега мора да се открие за кого биле.
ДУИ




