Игор ДУРЛОВСКИ

„После бројни напади во изминатиот период за кои не сум проговорил, одлучив јавно да објавам за денешниот кој беше сериозна и директна закана за мојата безбедност и личен интегритет.

Инцидентот е пријавен во полициска станица по што очекувам да биде покренета соодветна постапка.

Сакам јавно да го прашам г-динот Заев, дали му е навика во вакви насилни методи на заканување да ги злоупотребува неговите советници за заплашување на опозиционите кандидати во изборниот процес? Или можеби овие негови советници, кои земаат државна плата од владата, му се целосно вон контрола?
Наскоро ќе ги информирам и претставниците на меѓународната заедница.

Нападите ги гледам како обид за заплашување кон мене и атак против слободата на мојот избор да го бранам „македонското“ во сопствената татковина.“

Инаку, станува збор за тоа дека денеска околу 12 часот, советникот на Заев, Ф. А. (вработен во Владата како советник за младите во Скопје), вербално му се заканувал на Игор Дурловски, со навреди и пцовки на политичка основа, велејќи му дека ќе лежи 100 години затвор, а со возилото БМВ со бугарски регистарски таблички му ја загрозил и физичката безбедност во сообраќајот. Дурловски настанот и заканите ги пријавил во надлежната полициска станица, а ќе ги извести и меѓународните претставници во Македонија.