Министерот за финансии (МФ) Фатмир Бесими одобрил енормно зголемување на платите во неговото министерство за, како што вели, да го спаси кадарот кој бегал од таму.

Ова зголемување на јануарските плати за 30 отсто во Финансии се случува во период кога синдикатите и целата администрација се на нозе поради новиот нацрт закон за систем на плати, со кој стравуваат дека Министерството за финансии ќе може и да ги намалува платите без преговори со синдикатите.

Бесими, кој немал друго брзо решение да ги задржи чиновниците освен енормното зголемување, тврди дека 40 луѓе го напуштиле МФ во 2022 затоа што имале многу работа, а ниска плата.

– Да го оставиме министерството без вработени? Многу работа, а да го оставиме МФ без вработени, да немаме буџет воопшто, да не работи никој. Тоа ли е прашањето? МФ е единствена институција каде вработените имаа пониска плата од УЈП и Царинската управа и тоа е решението. Тоа е во Законот каде што е ставено дека 30 отсто се во однос на платите од минатата година, рече Бесими.

Ова зголемување на платите во МФ се случува кога Македонија живее во со двоцифрена инфлација, а граѓаните мака мачат да излезат на крај во месецот.

Но тоа, сепак, не е пречка во одредени министерства платите да растат селективно за многу поголема сума. Освен во МФ, во 2023 година повисока плата за 29 отсто ќе има и во Министерството за образование и 15 отсто во Министерството за одбрана.

Неодамна, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го оправда покачувањето на платите во Министерството за финансии и дури кажа дека било малку.