Тројца блиски соработници поднесоа оставки во кабинетот на британската премиерка Тереза Меј, поради несогласување со договорот со ЕУ за Брегзит.

Британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара поднесе оставка поради несогласување со предлог-договорот за Брегзит, постигнат меѓу Владата во Лондон и ЕУ, објавија медиумите.

– Не можам да го поддржам договорот за напуштање, склучен со ЕУ, објасни Вара во писмото со оставката, објавено на неговиот налог на Твитер.

Вара, кој го поддржа организирањето референдум за излез од ЕУ, истакна дека задачата на премиерката Тереза Меј да го убеди Парламентот за поддршка на предлог-договорот е вистински предизвик.

Тој е прв член од кабинетот на Меј кој поднесува оставка, откако таа ја доби поддршката на Владата за договорот.

– Ние сме горда нација и е многу тажно што сме принудени да се потчиниме на правила, воведени од други држави, кои покажале дека немаат разбирање за нашите интереси. Можеме и треба да постигнеме повеќе, нагласи Вара во своето писмо.

Британскиот министер за Брегзит Доминик Рааб, исто така, поднесе оставка, истакнувајчи дека „не може со чиста совест да го поддржи“ нацрт-договорот за Брегзит со ЕУ.

Тереза Меј, по петчасовен состанок, синоќа соопшти дека обезбедила поддршка од нејзиниот кабинет за договорот.

Но, британските медиуми јавија дека неколку министри биле против документот.

Исто така се појвија и шпекулции дека меѓу конзервативците се зборува за покренување гласање за недоверба на Меј.

Рааб, кој е поддржувач на Брегзит, во Кабинетот го замени Дејвид Дејвис кога тој се повлече во знак на протест против плановите на Меј за Брегзит, и сега е во групата високи министри за кои се сметаше дека не се задоволни од договорот.

Тој беше тесно вклучен во изготвувањето на договорот, кој ги поставува условите за излезот на Британија од ЕУ.

Во писмото со оставката, Рааб истакнува дека не може да го поддржи бидејќи регулаторниот режим предложен за Северна Ирска „претставува многу реална закана за интегритетот на Обединетото Кралство“.

Според него, исто така, договорените аранжмани со цел спречување на враќање на цврста ирска граница, ќе резултира со тоа што ЕУ „ќе држи вето над нашата способност за излез“.

– Пред сè, не можам да ги споредам условите во предложениот договор со ветувањата што ги дадовме на земјата во нашиот проглас на последните избори, подвлече Рааб.

И министерка за труд и пензии Естер Меквеј, поднесе оставка од Владата на премиерката Мај, истакнувајќи дека, според неа, договорот за Брегзит, кој Меј го склучи со ЕУ, „не го почитува резултатот од референдумот“.

– Отидовме од „без договор е подобро од лош договор“ до „секој договор е подобар од никаков договор“, подвлече Меквеј во писмото со оставка.

– Не можам да го бранам ова, и не можам да гласам за овој договор (во Парламентот), рече таа.

Меквеј е вториот министер во британската Влада кој поднесува оставка. Претходно министерот за Брегзит Доминик Рааб истакна дека нацрт-договорот ги прекрши ветувањата што конзервативците на Меј им ги дадоа на британските гласачи.

Државната секретарка во британското Министерство за Брегзит, Суела Брејвмен денеска поднесе оставка поради несогласување со предлог-договорот на премиерката Тереза Меј постигнат со ЕУ.

– Сега не можам да го поддржам договорот што беше вчера постигнат од страна на кабинетот, истакна Брејвмен во писмото објавено на Твитер.

Таа изјави дека предложената поддршка за Северна Ирска не е она за што гласаа Британците, додавајќи дека тоа може да го растури Обединетото Кралство.

Брејвмен истакна дека ваквиот потег го спречува недвосмислениот излез од царинската унија со ЕУ.

Брејвмен досега е четвртиот функционер во Владата на Тереза Меј, кој денеска поднесе оставка поради предлог-договорот за Брегзит.

Политичките аналитичари на Би-Би-Си коментираат дека заминувањето на Рааб врши притисок врз другите членови на Кабинетот да се повлечат, со што се зголемува можноста за „домино ефект“ кој би можел да заврши и со рапаѓање на Владата.