Се интензивира кампањата за парламентарните избори на 15 јули. Носителите на кандидатските листи и денеска ќе го продолжат претставувањето на собири и средби со граѓаните, на социјалните мрежи и на електронските медиуми.
Лидерите на владејачката СДСМ Зоран Заев и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа во првото телевизиско соочување во изборната кампања побараа поддршка од граѓаните. Првиот за да се продолжи по вистинскиот пат, а вториот за да се поддржи чесност и исполнување на ветувањата.
– Можеме да ги решиме големите историски прашања за нашата земја и таа да продолжи да оди напред, да биде интегрирана, да биде членка на НАТО, да почне преговори со ЕУ, порача Заев во обраќање до гласачите во дуелот на ТВ 24 со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Докажавме, наведе Заев, дека во услови на решавање на најголемите крупни прашања ја кренавме економијата од депресија, комплетна рецесија, -1,8 проценти, комплетно во раст и развој со 3,6 проценти. Докажавме дека има пари за повисоки плати и за повисоки пензии. Во следниот период ќе има уште поголеми плати, уште повисоки пензии, доволно работни места, квалитетни работни места за граѓаните, за да може да ги привлечеме овде да останат сите и млади и повозрасни, зашто тоа е нашата Македонија, тоа е нашата иднина, дома да бидеме продуктивни, порача Заев.
Според Мицкоски, претстојните избори ќе одлучат за иднината на државата.
– Ова се избори на коишто вие треба гласно да зборувате за сета неправда, за сите измами, за сиот криминал, за сета корупција, за овие луи витон куферчиња за трас-трас судските одлуки или пак да поддржите чесност и честитост. Ова се избори во коишто вие треба гласно да изберете во каква Македонија сакате да живеете, изјави Мицкоски. Гарантираше дека сето она што е во нивната изборна програма, ќе биде реализирано. Ги повика граѓаните на 15 јули масовно да излезат на гласање.
Караванот на Коалицијата „Можеме“ во текот на вчерашниот ден беше во Радовиш, Врапчиште и Велес. – Мојот личен и најголем мотив во оваа изборна кампања е да да ги вратиме и да ги задржиме младите тука. Младите во изминатите 11 години ја напуштаа земјата затоа што беше газено нивното достоинство, порача од Велес генералниот секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3 Љупчо Николовски.
Во тек на теренските изборни активности во општините Конче, Радовиш и Струмица Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се бори и ќе се бори за просперитетна држава која припаѓа на сите граѓани. Држава која под еден покрив ќе ги собере и оние кои се десни и оние кои се леви и во центарот, политички определени и неопределени, и Македонци, Власи, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци и сите обесправени, омаловажени, покрадени, потчинети и излажани.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе се претстават во Пласница (17:00), Македонски Брод (18:30), Кичево во 20:30 часот.
Првиот кандидат за премиер Албанец Насер Зибери синоќа од Куманово изјави дека се залага за суштински реформи од повеќе области, политички, економски, социјален аспект од кои корист ќе имаат сите граѓани во државата.
– Вистински реформи за да ги надминеме проблемите. Реформите нема да бидат само на хартија, туку ќе значат подобар живот за сите, рече Зибери во изјавата за медиумите по завршување на митингот на ДУИ на градскиот плоштад во Куманово.
Најавени се и претставувања на кандидатите за пратеници во други места во шесте изборни единици. Дел од партиите ќе одржат и прес-конференции, како политичката платформа „Македонски концепт“, ДПА, Интегра…
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски пред неколку дена изјави дека најверојатно денеска ќе биде заклучен избирачкиот список.
– Веројатно в среда ќе го заклучиме избирачкиот список. Завршени се сите потребни активности, обработката на податоците. Не можам точниот број да го кажам, но 1.814.000 и неколку стотини гласачи ќе бидат на избирачкиот список на овие избори. Ќе почекаме до среда кога дефинитивно ќе го соопштиме точниот број. Потоа избирачиот список се обработува во нашите служби, се генерира за печатење во печатницата, рече Деркоски.
Претседателот на ДИК повтори дека избирачкиот список е чист, ги содржи податоците на сите полнолетни граѓани кои имаат наполнето 18 години и имаат државјанство.
-Постојаното чистење на списокот што се одвива во континуитет во ДИК, преку подрачните единици, континуираното квартално доставување од страна на МВР, доведува до тоа овој список да има високо ниво на прочистеност и граѓаните не треба да се грижат околу тоа дали или не е избирачкиот список во ред, рече Деркоски.