Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска и утре во Брест ќе одржат неформален состанок за Кина, Украина, Белорусија, партнерството со Африканската унија и проектот Стратешки компас, се наведува на веб-страницата на француското Претседателство со Советот на ЕУ.

– Француското претседателство со Советот на ЕУ и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел одлучија средбата во Брест да ја посветат на главните теми за афирмирање на суверенитетот на Европа на меѓународната сцена, а тоа се – Стратешки компас за суверена Европа, балансирани односи со Кина, ситуацијата во Украина и Белорусија и партнерството со Африканската унија, се вели во соопштението.

Дипломатски извори рекоа дека на дводневниот состанок ќе се разговара и за Русија во светло на почетокот на американско-руските разговори за смирување на тензиите на границата со Украина и нацрт руските безбедносни документи во кои се бара НАТО да не ги прими Украина и другите поранешни земји од СССР како и да се откаже од распоредувањето на сили и воена опрема во Централна и Источна Европа.