Уште едно крваво убиство синоќа се случи во Македонија, во кое се застрелани татко и неговото малолетно дете.

Како што објавија повеќе медиуми, синоќа во 22:40 минути биле убиени двете лица во автомобил во кумановското Слупчане.

телевизијата Телма од свои извори објави дека станува збор за Ахид Салахи од село Опае на возраст од 47 години и неговиот 9-годишен син А.С. Телата на таткото и синот биле пронајдени во атарот на Слупчане, кај месноста Слупчански бунар во патничко моторно возило марка Опел Астра.

Во нив било пукано, а засега не се знае сторителот, ниту пак мотивот за убиството.

Телата на убиените се предадени на обдукција во судска медицина.

И од МВР го потврдија случајот, за кој во билтенот пишува дека вчера во 22:40 часот полициски службеници од Полициското одделение Матејче во атар на с.Слупчане, на местото Слупчански бунар, пронашле патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки во кое биле две лица без знаци на живот.

Јавен обвинител и екипа од СВР Куманово излегле на местото на настанот и било констатирано дека непознат сторител со огнено оружје пукал во Е.С.(47) и неговиот син (роден 2010 год.), двајцата од с.Опае.

По наредба на Јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција во Институтот за судска медицина и криминалистика Скопје.